Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека загрижува информацијата за пронајден куршум во дворот на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и посочи дека доколку е точна, МВР треба да интервенира и во овој случај, исто како што интервенираше во врска со вчерашниот напад на директор на владина институција.
-Секако дека ме загрижува ова. Се информирав дека МВР веќе има интервенирано во делот на тепачката која што се има случено вчера во Тетово, каде што е нападнат директор на владина институција од страна на лице кое што е идентификувано со име и презиме. Сметам дека МВР тоа треба да го заврши. И доколку и оваа информација која што сега ја споделивте е точна, тогаш треба на ист начин ригорозно да се интервенира, рече Ковачевски за време на неговата посета на градинката „Пролет“, во одговор на новинарско прашање.
На новинарско прашање дали по турбуленциите во Алијанса за Албанците викендов, смета дека оваа партија е поблиску или подалеку од Европскиот фронт, Ковачевски одговори дека секоја политичка партија одлучува во рамки на своите органи за тоа како ќе се постави во политичкиот простор. Како што рече, останува на Алијанса за Албанците да одлучи дали ќе е за ЕУ или за „некакви недефинирани алтернативи“.
-На Алијанса е да одлучи дали ќе оди на Запад или ќе оди на Исток, дали ќе оди за Европа или ќе оди за некакви недефинирани алтернативи коишто никој не ги објаснува. Тоа е сепак нивна одлука, рече Ковачевски.