Ковачевски: Буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и ќе се залагам да покаже резултати

од Stefanija Kuzmanovska
157 прегледи

Буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и лично ќе се залагам да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата, порача премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Ковачевски вели дека предлог-буџетот не само што е реален, туку е и рационален и скроен да одговори на предизвиците поврзани со енергетската криза.

„Ние денес не живееме во благосостојба, туку во глобална криза и ни престои уште една тешка и кризна година. Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има“, вели Ковачевски.

Тој верува дека ќе има успешна реализација на капиталните расходи, а ваквиот став го темели на фактот што во последните две години, реализацијата е околу 80 проценти, а годинава над 60 проценти и се очекува реализацијата да забрза во последниве месеци од годината.

Додава дека во Предлог-буџетот, којшто треба да се донесе до крајот на овој месец, има огромни заштеди од кратењето на непродуктивните трошења кои се во висина над 220 милиони денари.

„Овде влегуваат околу 80 милиони денари за патните трошоци. Ставката за поправка и одржување е намалена за 48 милиони денари, набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари, како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари“, подвлекува премиерот.

За препораките за штедење на државните институции, Ковачевски појаснува дека целта е да се намалат трошоците, но притоа да не се наруши нормалното функционирање на институциите.

Слични содржини