Ковачевски: Цените на храната растат, зошто не се применува Законот за нефер трговски практики?

„Според ДЗС во 2024–2025 година цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци на живот во делот храна и безалкохолни пијалаци во одредени месеци надминуваше 10% на годишно ниво“, рече пратеникот

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: СДСМ

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерот за економија Бесар Дурмиши кои се однесуваа на примената на Законот за забрана на нефер трговски практики. Тој посочи дека и покрај донесениот закон, цените на храната бележат двоцифрен раст, а на терен се забележуваат сериозни отстапувања и драстични разлики во цените на идентични производи.

Ковачевски побара конкретни мерки со утврден рок за доследна примена на законот, како и одговор дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е кадровски и технички екипирана за да се справи со нефер трговските практики на големите супермаркети. Според него, без ефективна контрола, законот останува само формална алатка, додека товарот од зголемените цени го плаќаат граѓаните.

-Овој закон во неколку наврати беше оценет како потребен и целисходен од страна на сите присутни во Собранието и за него во неколку наврати и од различни аспекти се дискутираше афирмативно од страна на сите пратенички групи во оваа собраниска сала.

За да биде појасно за јавноста, согласно овој закон кој е усогласен со европските директиви и кој во иста или слична форма се применува во голем број развиени западноевропски држави, нефер трговски практики се договорни одредби и деловни практики кои еднострано се наметнуваат од купувачот кон добавувачот во врска со продажбата на земјоделските и прехранбените производи, спротивно на принципот на добра волја и чесност.

Да биде уште појасно, законот се однесува на практиките на големите трговски ланци, односно супермаркети, во кои граѓаните секојдневно ги купуваат своите неопходни животни намирници, прехранбени производи, производи за широка потрошувачка.

Согласно одредбите наведени во законот, меѓу другите одредби како нефер трговски практики се наведени случаите кога трговскиот малопродажен ланец, колоквијално или народски кажано супермаркет или ланец на супермаркети, бара надомест за внесување нов земјоделски и прехранбен производ во продажната мрежа и за проширување на продажната мрежа на купувачот, бара надомест за уредување нови и преуредување на постојните продажни места на купувачот, како и и проширување на капацитетот за складирање кај купувачот, бара од добавувачот да се договорат фиктивни услуги кои нема да се извршат, а за кои единствена причина е одложување на рокот за плаќање кој веќе е договорен, рече Ковачевски.

Тој истакна дека сите овие практики значат зголемување на трошоците на добавувачите, зголемување на малопродажната цена на прехранбените производи, зголемување на апсолутниот износ на малопродажната маржа. На ваков начин зголемената цена на прехранбените производи и на крајот сево ова го плаќаат крајните купувачи, односно граѓаните на Македонија.

-Сепак, две години по стапувањето на законот во сила, вклучително и периодот на прилагодување, на терен се забележуваат сериозни отстапувања. Според Државниот завод за статистика, во 2024–2025 година цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци на живот во делот храна и безалкохолни пијалаци во одредени месеци надминуваше 10% на годишно ниво. Ова се гледа од зголемената висина на потрошувачката кошница, која надмина 1.000 евра месечно по семејство.

Истовремено, домашните производители укажуваат на притисоци врз откупните цени и дополнителни трошоци. Особено загрижува фактот што идентичен производ од ист производител со иста грамажа и декларација во различни трговски ланци се продава со ценовна разлика што достигнува до 50%, кажа, меѓу другото, пратеникот.