Премиерот Димитар Ковачевски се обрати по повод јубилејот 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност, беше воведен денарот како наша парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка. Со ова беше целосно заокружена независноста на нашата држава. На свечениот јубилеј се обратија и гувернерката на Народна Банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, како и претседателот на државата Стево Пендаровски.
-Народната банка на Република Северна Македонија е институција чијшто кредибилитет и интегритет постојано се потврдуваа во текот на изминатите 30 години. Денарот е и останува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија. Ова е од исклучителна важност во актуелниот период на глобалната економска криза, а последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд од февруари оваа година, јасно посочи дека воопшто не се доведува во прашање стабилноста на курсот на денарот, изјави Ковачевски.
Според него, тоа го потврдува институционалниот капацитет на банката којашто со соодветен монетарен инструментариум ја одржува стабилноста на денарот.
-Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, имаат доведено до непрекинат раст на девизните резерви. Девизните резерви денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Народната банка на Северна Македонија беше значаен фактор за справување со тогашната глобална финансиска криза и постојаната комуникација со Владата за координирано усогласување на владините политики за соочување со ризиците од актуелната криза, даваат резултати. Од огромно значење е улогата на Народната банка за позитивната перцепција за домашниот банкарски систем од страна на финансиските институции и инвеститори. Интеграцијата на нашиот во европскиот финансиски систем ги подобри можностите за финансирање на нашите институции на странските и домашните пазари на капитал, кажа Ковачевски во својот говор.