На јавниот повик за набавка на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј се јавија 9 економски оператори. Овие економски оператори дадоа 5 понуди за јаглен за РЕК Битола и 8 понуди за РЕК Осломеј, информира денеска Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.
Според неговите зборови, во прва фаза утврдено е дека за Осломеј понудите ги исполнуваат барањата за потребните количини, и понатаму во втора и трета фаза се продолжува со проценка на другите сегменти од тие понуди.
-За РЕК Битола понудите не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се нудат доволни количини на јаглен. Од тие причини АД ЕСМ во најкус рок повторно ќе објави повик за РЕК Битола и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет. Инаку, на повикот пристигнати се понуди за јаглен од три македонски рудници, потоа од рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина, додава Ковачевски.