Ковачевски: До 2030 С. Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ

од Nikola Popovski
217 прегледи

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера од Собранието изјави дека со проевропското парламентарно мнозинство и Влада, на краток рок до 2030 година, Северна Македонија ќе биде членка на Европската унија.

„Не само што е можно Република Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите, туку тоа ќе се случи многу брзо со проевропско мнозинство во парламентот, што ќе го исполни условот од преговарачката рамка“, рече премиерот на седницата за пратенички прашања.

Како што истакна, граѓаните на С.Македонија од осамостојувањето се определиле за прозападниот правец на развој на својата татковина и за евроатлантските интеграции.

Тој потсети и на податоците од истражувањето на јавното мислење објавено во средата, според кое 80 отсто од граѓаните се за членство во ЕУ.

„Ниту еден неодговорен политичар, ниту една радикална популистичка десна-левичарска проруска коалиција нема да застане на патот на понатамошниот демократски развој, економски развој, стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и партнерство со земјите-членки на НАТО и на Европската унија, кои се наши природни партнери. Одиме напред и ќе бидеме таму“, рече премиерот.

Тој изјави дека Македонија успешно го завршила скрининг-процесот и дека останува да ја исполни обврската за уставни измени.

„Хистеријата дека ќе го изгубиме македонскиот јазик, дека ќе се бугаризираме, асимилираме – падна во вода, исто како претходните за федерализација, кантонизација и што уште не, од кујните на кочничарските мајстори“, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека штом се изгласаат амандманите ќе почнат преговорите за поглавјата со ЕУ.

„Сега е моментот на заеднички интереси, кога на ЕУ ѝ требаме и нам ни треба. И оваа единствена можност за продолжување на интеграцијата ќе се реализира“, заклучи македонскиот премиер.

Слични содржини