Вие алудирате на јавна расправа, бидејќи ако не доаѓаат членови на одредени комисии, тогаш се работи за јавна расправа. Не би било фер да се изолира поканата на неколку луѓе, бидејќи сметам дека вие како претседател на Комисијата за надворешни работи, ако сметате дека да правите таква расправа, треба да ги викнете сите премиери, сите претседатели на државата. Еден нема да може да дојде оти е во странство, но дописно ќе се обрати. Сите министри за надворешни работи, бидејќи не сметам дека министрите кои биле во последните два мандати, заслужуваат да имаат предност во однос на министрите од првите два мандати, вака му одговори премиерот Димитар Ковачевски на пратеникот Антонио Милошоски кој му постави пратеничко прашање во Собранието.
Претходно Милошоски го запраша премиерот дали би прифатил да биде присутен на Комисија за надворешна политика на која би го поканиле поранешниот премиер Зоран Заев, актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи и неговиот претходник Никола Димитров како гости.
„Оваа седница би имала за цел да го разгледа оној предлог кој што вие го одбивте во Брисел, во форма таква каква што е и би имала за цел да направи една поголема кохезија кај сите политички групи во земјата за да имаме посилни позиции, да имаме помалку недоразбирања и да не се создава она кое вие некогаш го именувате како хистерија на експерти или кревање на тензија“, рече Милошоски.