Ова што го кажавте сега, ви препорачувам да го кажете надвор од говорница, за да може да го докажете пред суд. Инаку, се она што го зборувате е фабрикување на нешто што можете и сега да го најдете на Интернет. Ако сакаш да продолжи дискусијата, излези на прес-конференција, вака му порача премиерот Димитар Ковачевски на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Ковачевски истакна дека бил директор, извршен директор и главен директор во корпорации и сите тие работеле согласно сите закони.
-Јас во оваа држава со својот труд и со работниците секое сабајле сме создавале вредности, сме плаќале даноци, од кои што се плаќа плата на такви како тебе, што цел живот седиш на државна разноска (трошок-н.з.). Тоа е разликата меѓу мене и тебе, кој што правел во животот. Јас ако извадам колку имам платено данок и придонеси во оваа држава, тогаш ќе седнеше и ќе се засрамиш за ова што го кажуваш. Сепак ако сакаш да продолжи дискусијата, тогаш ова што го кажуваш на прес и ќе се следи за да можеш да го докажеш, додаде Ковачевски до Петрушевски.
Петрушевски на денешната седница го праша премиерот дали дава точни информации околу анкетниот лист за неговиот имот и обвини дека буџетски пари се слеваат во фирмата на неговиот кум во „Пиксел Груп“.