Премиерот Димитар Ковачевски информираше дека досегашното замрзнување на основницата на платите на функционерите бил владин став и од страна на Владата, бил бранет како став пред Уставниот суд.
-Пред мене е дописот кој што МТСП го има доставено до генералниот секретаријат на Владата и дописот кој што Владата го доставува до Уставниот суд. Во мислењето на Владата до Уставиот суд, се вели согласно наведеното, Владата смета дека оспорениот член 4 и член 1 од Законот за плати на избрани и именувани лица, не е во несогласност со членовите 8. Со ова, се потврдува дека Владата останала на своето мислење во однос на тоа платите да останат такви какви што се, рече Ковачевски.
Претседателот на Владата додаде дека доколку Уставниот суд ги поништел членовите од овој Закон, ќе значеше дека на сите избрани функционери во изминатите 11 години, ќе требаше да им се исплатат разликите во плата, со се камати, што ќе беше трошок за Буџетот од 100 милиони евра.
Во делот на тоа дали ќе го донира делот во платата кој што ќе биде поголем после одлуката на Уставниот суд, Ковачевски вели дека многу пати донирал досега.
-Ако некогаш пиеме кафе кај мене, ќе видите голем број благодарници од различни организации каде што имам донирано. Меѓутоа никогаш досега со тоа не сум правел пи-ар бидејќи сметам дека доколку некому му донирате го правите со добра волја и за да помогнете. Така и ќе продолжам во иднина. Баш во блиска иднина планираме нешто со моето семејство за една здравствена клиника, додаде премиерот.