Ковачевски: ЕСМ ќе потпише договор со Скопје Север, но обврските од претходниот и од новиот договор мора да бидат исполнети

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски изјави дека АД ЕСМ ќе склучи нов договор за деловно-техничка соработка со АД Скопје Север, со кој ќе се уредат односите за оваа грејна сезона со цел граѓаните да имаат парно греење во делот на градот кој го покрива Топлана Скопје Север.

„За тој договор да биде функционален, Скопје Север ќе мора да ги испочитува сите обврски од договорот, а пред сé неговиот мнозински сопственик, Топлификација АД во стечај да го потпише договорот и Скопје Север да ги спроведе сите обврски кои не ги спроведе во текот на изминатата грејна сезона, по претходниот договор“, посочи тој.

Јавноста мора да знае, вели, дека АД Скопје Север и неговиот мнозински акционер, Топлификација АД во стечај, воопшто не соработуваа со АД ЕСМ во изминатава година и тие наишле на многу препреки и тешкотии да го заштитат државниот капитал и државните средства кои ги вложиле за гас за Скопје Север, како и препреки во почитувањето и спроведувањето на неопходните процедури.

„Се попречуваше пристапот на нашиот прокурист чија улога е токму да има пристап и увид во целокупното работење и таму да го претставува АД ЕСМ. Значи, нашиот прокурист никогаш не беше впишан во Централен регистар, овластеното лице никогаш не го врза потписот со потписот на прокуристот и за други исплати покрај од наменската, а имаа таква обврска и Скопје Север не испраќаше секојдневен извештај до прокуристот за извршените плаќања во претходниот ден, што и каде платиле“, истакна директорот.