Премиерот на Димитар Ковачевски на Самитот на Берлинскиот процес рече дека Европската Унија не е целосна без земјите од Западен Балкан.
Тој смета дека треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат за приближување на Западен Балкан до Унијата.
На првата сесија на маргините на Самитот на Берлинскиот процес, тој посочи дека Северна Македонија веќе ги започнала преговорите со ЕУ со заштитени идентитетски позиции и дека во тек е скрининг, преку кој брзо ќе се развива реформската агенда на земјата.
„Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, имаат сериозна работа пред нив, затоа што дојде време кога ќе треба да постигнат суштински достигнувања во однос на подобрување на капацитетот, ефикасноста и конкурентноста на економијата и регионот како една целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој“, рече Ковачевски.
Како што соопшти владата во Скопје, тој посочи дека денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години.
„Нашата заедничка политичка волја и посветеност на регионалната соработка е резултат на заемно признати интереси кои дополнително не охрабруваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори“, рече премиерот Ковачевски.
Се истакнува дека Самитот на Берлинскиот процес, кој годинава за прв пат по осум години се одржува во Берлин, има за цел да ја интензивира соработката и регионалната интеграција на земјите од Западен Балкан.
Лидерите на Западен Балкан заедно со претставниците на владите на земјите од ЕУ, Велика Британија и Европската комисија во текот на денот, покрај дискусиите за регионалната соработка и заедничките регионални пазари, ќе разговараат и за енергетската стабилност и трансформацијата на регионот, како и перспективата на Берлинскиот процес и стратешките прашања.
Најавено е дека лидерите на Западен Балкан во Берлин ќе потпишат три договори, за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионални квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.