Евроинтеграциите се иднината на целиот Западен Балкан, изјавил премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека за земјите кои припаѓаат на тој регион тоа значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и обезбедување предвидливост во безбедноста и стабилноста.
„По војната во Украина, тоа стана јасно и за Европската унија. Ние сме географски дел од Европа и ни треба единство во надворешната политика, особено кога станува збор за одбрана на мирот и демократските вредности. Не е далеку се за ова да се постигне во 2030 година. Напротив, тоа е рационална и остварлива цел“, изјавил Ковачевски во интервју за српска „Политика“.
Како одговор на изјавата дека продолжувањето на европската интеграција на Северна Македонија зависи од исполнувањето на француско-германскиот предлог за решение на спорот со Бугарија, што подразбира промена на Уставот на Северна Македонија и на прашањето како го гледа натамошниот развој на евроинтеграциите, Ковачевски посочува дека земјава се движи кон европскиот пат, додавајќи дека во тек е билатерален скрининг и дека годинава очекува нов исчекор во евроинтеграциите.
Тој истакнува дека очекувањата ги темели на определбата на мнозинството граѓани во земјава за членство во ЕУ.
Зборувајќи за односите меѓу Белград и Скопје, Ковачевски забележува дека во тешките моменти доаѓа до израз правото пријателство и укажува дека пандемијата и светската економска криза ги потврдиле добрите односи меѓу двете земји.
„Взаемното почитување создава основа за понатамошен развој на нашите добрососедски односи. Заеднички ги решаваме сите предизвици што ни ги наметна светската криза од војната во Украина“, вели тој.
Ковачевски посочи дека е во редовен, понекогаш и секојдневен контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама.
„Ова пријателство не само што изненади многумина, туку верувам дека ќе послужи како инспирација за градење добрососедски односи“, рекол Ковачевски.
На прашањето како може да произлезе мир од вителот на овие настани на светската политичка сцена и дали ова е шанса за мали држави како Северна Македонија и Србија, кои заедно со Албанија припаѓаат на иницијативата „Отворен Балкан“, Ковачевски посочил дека решението од секое отворено прашање мора да биде исклучиво преку дијалог.
„Неразбирливо е оружјето да се користи во 21 век, да страдаат невини луѓе и да се доведува во прашање светскиот мир. Особено е неприфатливо географски поголема држава да применува сила против помала демократски определена држава, обидувајќи се да ја загрози нејзината независност и територијален интегритет“, подвлекол Ковачевски.
Тој посочил дека Северна Македонија, Србија и Албанија ја подобруваат регионалната соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, а со тоа ја зајакнуваат меѓусебната доверба.
„Отворениот Балкан и Берлинскиот процес се регионални иницијативи кои не зближуваат и не охрабруваат да одржиме остар фокус на одржување на стабилноста и безбедноста на регионот, како и на заедничката стратешка цел – европската интеграција“, заклучил Ковачевски.