Фабриката за електрични возила во зоната во Тетово согласно со договорот нема добиено ништо како државна помош и нема да добијат помош додека не почнат со активности, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Фабриката Е-ГО која потпиша договор за изградба на фабрика во Слободната економска зона во Тетово има одредени барања во делот на парцелата со оглед на начинот на кој го организираат производството и затоа беа правени урбанистички промени, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто доцни изградбата на фабриката на денешната прес-конференција во Владата.
Ништо немаат добиено како државна помош, додаде, бидејќи немаат започнато со градежни работи, ниту со пробно производство.
-Државната помош кај нас се добива скалесто и е поврзана со реализација на проект, потенцира Ковачевски.