Фирмите што ги нуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ги достават понудите до среда, порача на прес-конференција, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, откако Мицкоски претходно вчера изјави дека тој и неговата партија имаат контакти и индикативни понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со кои што државата ќе заштеди 300 милиони евра.
„Ја користам оваа прилика јавно да го повикам Мицкоски да ги информира сите тие компании од кои има индикативни понуди, а кои биле со важност од една недела, во текот на следните неколку денови, но не подоцна од среда, да ги комплетираат понудите и да ги достават до АД ЕСМ. Понудите од компаниите треба да имаат: технички карактеристики на енергенсот (мазутот или природниот гас); да ги имаат сите сертификати; да ги имаат сите потребни лиценци; да имаат обезбедени количини (250.000 тони мазут и 250.000.000 нормални метри кубни природен гас); да имаат договори со испорачатели; да имаат обезбедено транспорт до производните капацитети (мазутот до ТЕЦ Неготино, РЕК Осломеј и РЕК Битола, а природниот гас до ТЕ-ТО и топланите во Скопје); да имаат динамика на испорака согласно производниот план; да имаат обезбедено банкарска гаранција“, изјави директорот на ЕСМ.
Директорот на ЕСМ е ризичен за да му доставиме понуди
Васко тендер Ковачевски е ризичен за да му бидат доставени било какви понуди, загрижени сме дека со ангажманот на Васко тендер Ковачевски може да стане збор само за провизии на штета на граѓаните. Ваква е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно денес директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, повика фирмите што ги нуди Мицкоски да ги достават понудите до среда.
„Понудата за дуел е јавна, а барањето за средба е исто така јавно! Ова не е пазар, туку сериозна работа. Ако снабдувањето на енергенси на државата во криза се смета за обичен пазар, тогаш имаме сериозен проблем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски претходно изјави дека тој и неговата партија имаат контакти и индикативни понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со коишто државата ќе заштеди 300 милиони евра. Директорот на ЕСМ рече дека секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена.