Ковачевски го нуди премиерското место на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, Мицкоски засега не е заинтересиран

од Nikola Popovski
657 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека е подготвен да му ја предаде премиерската функција на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а за возврат да ги поддржи уставните измени неопходни за продолжување на преговорите со ЕУ.

Ковачевски ова го изјавил на брифинг со новинарите, нагласувајќи дека тоа ќе значи дека Мицкоски ќе треба да го стави својот потпис на веќе изготвените нацрт-уставни амандмани, со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.

Тој посочил дека смета дека треба да остане на премиерската позиција и да го спроведе процесот на уставни измени до крај, но дека во интерес на евроинтеграциите, освен пет ресори, е подготвен да ја отстапи премиерската функција на Мицкоски во преодната влада.

-Јас сум потписник на предлогот за уставни измени. Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја има таа чест, со задоволство ќе му ја дадам, рекол Ковачевски.

Премиерот смета дека уставните амандмани треба да бидат усвоени уште утре, а веднаш потоа да се одржат парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ одговори на понудата на премиерот Ковачевски.

-Немаме намера да учествува во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби, имавме јасни позиции, од тоа нема поместување. ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори, велат од најголемата опозициска партија.

Претходно, најголемата албанска партија, ДУИ објави дека се согласила да ја напушти Владата, што е еден од условите на опозициската ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени.

Предлогот за уставни измени моментално е во Министерството за правда, а се очекува до крајот на месецов да бидат испратени до Собранието.

Македонија ја започна првата фаза од преговорите со Европската унија во јули минатата година во Брисел, но за да премине во втората фаза и да продолжи со отворањето на поглавјата, мора да ги вклучи Бугарите во Уставот до крајот на скринингот (што се очекува во ноември), за што владеачката коалиција ја нема потребната поддршка од опозицијата.

Слични содржини