Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска изјави дека најверојатно премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ ќе биде присутен на претстојниот Самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид.
На економскиот собир во Скопје, на кој присуствуваше и српската премиерка Ана Брнабиќ, Ковачевски рече дека иницијативата покрената од Србија, Албанија и Северна Македонија „е исклучително позитивна по сите основи на економската логика, бидејќи создава поголем пазар и поголема можности за размена, креирање економии и нормално е дека тоа ќе доведе до зголемување на БДП на регионот“.
„Нормално е тоа што е отворена за сите земји. Премиерот на Црна Гора веројатно ќе го видиме на следниот самит во Охрид, на почетокот на јуни, што е практично одлука на Црна Гора сепак. Сепак, добро е што сите други земји од Западен Балкан се дел од оваа практична иницијатива“, рече премиерот.
Ковачевски повтори дека иницијативата „Отворен Балкан“ не е замена за евроинтеграциите, но посочи дека европската интеграција на Северна Македонија и Албанија станала заложник на Бугарија и дека земјите од ЕУ тоа го оправдуваат.
Како што нагласи, регионалната соработка е стратешка определба на Северна Македонија, а ЕУ е нејзина определба, без разлика на сите опструкции на патот кон членство во ЕУ.
„Меѓутоа, нашата евроинтеграција, зборувам за Македонија и Албанија, е заложник на Бугарија. Нашите евроинтеграции се сведоа на зборување за историја, што гледам дека практично сите земји од ЕУ го оправдуваат“, рече Ковачевски.
Посочи дека тоа за него е погрешно, бидејќи кога се зборува за историја, тоа не ветува ништо, туку само зборува за нешто што се случило пред 100, 150 години.
„Тоа е класична уцена и не може да произведе никаква корист за никого“, рече премиерот, Димитар Ковачевски, на самитот за соработка во регионот, организиран од непрофитната, неполитичка организација „Македонија 2025“.