Ковачевски и Џафери поднесуваат оставки, „Пржинска влада“ до недела на полноќ

од Nikola Popovski
538 прегледи

Со денешната оставка на премиерот Димитар Ковачевски, како и на претседателот на парламентот, Талат Џафери, започнува процедурата за избор на техничка влада, чија основна цел е подготовка на изборите во пролет.

Оставките на владата и на собранискиот спикер ќе се гласаат во парламентот на седница што ќе се одржи в петок. На седницата мора да се избере и нов претседател на законодавното тело на земјата. Номинацијата за оваа функција е на СДСМ, која предлага координаторот на пратеничката група на партијата, Јован Митревски да го води парламентот во последните 100 дена пред изборите.

Веќе денеска, откако Ковачевски и Џафери ќе ги поднесат оставки, претседателот Пендаровски ќе биде известен дека владата поднела оставка и мнозинството има предлог за нов мандатар за премиер. Тогаш Џафери треба да добие мандат од претседателот многу брзо да формира техничка влада.

Џафери во сабота ќе треба да ги достави до парламентот составот и програмата на техничката влада. Седницата на која ќе се гласа за кабинетот ќе се одржи во недела, кога на полноќ истекува последниот можен рок. На втора сседница истиот ден мора да се изгласаат замениците-министри, но и новите заменици кои ќе ги заменат тие што беа изгласани за министри, за да биде парламентот во полн состав.

Џафери ќе биде трет премиер на техничка влада и прв премиер од албанската заедница во земјава, откако во 2020 година претходниот премиер Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети се договорија следниот технички премиер да биде Албанец од редовите на партијата од Мала Речица.

Во тензичната предизборна ситуација, ВМРО-ДПМНЕ излезе со одлука да учествува со свои министри во владата, но да не гласа за неа.

По вчерашната координативна средба во Собранието, Џафери рече дека ќе го претстави целосниот состав на владата, се додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги предложи нивните кандидати за министри.

Според договорот од Паржино, со кој се стави крај на политичката криза во земјата во 2015 година, опозицијата ги доби позициите министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и неколку заменици министри.

На седница доцна синоќа ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа нивните предлози: адвокатот и претседател на правната комисија на партијата Панче Тошковски да биде нивниот предлог за министер за внатрешни работи, Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. Беа изгласани и одобрени и партиските предлози за заменици-министри во министерствата за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство. Од опозициската партија ја потврдија одлуката да гласаат како „воздржани“ во пленарната сала.

И без гласовите на опозицијата може да се изгласа техничката влада доколку ја поддржи актуелното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ.

Слични содржини