Бугарските медиуми попладнево објавија дека тамошниот технички премиер Галаб Донев остварил телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Двајцата разговарале за претстојното празнување на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев и потребата истото да се одвива непречено и со сите преземени безбедносни мерки.
Во таа насока, во понеделник, на 30 јануари, бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и директорот на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) Пламен Тончев ќе остварат работна средба со своите колеги од Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за обезбедување мирна и безбедна средина за чествувањето на роденденот на Делчев.
-Премиерите Донев и Ковачевски разговараа и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарска самосвест.
Во разговорот, премиерот Донев повторно потсети на очекувањата од нашата земја, Република Северна Македонија, да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот на омраза и злосторствата, како и за почитување на правата на македонските Бугари, соопштиле од бугарската техничка влада.