Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзината официјална посета на Северна Македонија, ја посетија компанијата „Џанвики ДОО”, која е специјализирана за преработка на зеленчук и овошје..
Овој индустриски капацитет е поддржан со претпристапна помош на ЕУ за рурален развој, ИПАРД 2, преку поддршка за изградба на објект за потребите на компанијата, како и соодветна опрема за процесот на производство.
Со износот од околу 2,3 милиони евра обезбедени преку ЕУ фондовите, ова е најголемиот ИПАРД проект во Северна Македонија. Се работи за семеен бизнис, каде главно се вработени жени, и која компанија успешно ги искористила ИПАРД средствата за проширување и модернизирање на своето производство.
За време на посетата, премиерот Ковачевски истакна дека нашата држава денес е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98% искористеност што е најголемо достигнување досега, што е резултат на посветеноста на Владата во обезбедување на неопходната поддршка на полето на руралниот развој и земјоделството.
Со помош на ЕУ, во рамките на ИПАРД 2 програмата, како што истакна премиерот Ковачевски, се склучени над 2.300 договори што резултираше со 60% зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата.
За време на посетата на компанијата беа претставени можностите и со ИПАРД 3 програмата, а Северна Македонија е прва земја во регионот која ќе ја имплементира оваа програма. Со програмата, ќе се понудат повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги потенцираше огромните можности за нашата земја преку ИПАРД програмата, како и преку предложениот План за раст со кој вратите на ЕУ за регионот се отворени.
Според претседателката на Европската комисија, Лајен, ЕУ е посветена на што побрза интеграција и на земјата и на регионот, на коишто преку поддршката од ЕУ и фондовите им се овозможува забрзан економски раст и можности за позитивна трансформација на сите полиња во државите од Западен Балкан. Со тоа, како што беше истакнато, Северна Македонија ќе стане уште попривлечна за странските инвеститори, а ќе се создадат услови и за уште поголем раст на македонската економија, како и поголеми можности за бизнисите, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, подобар животен стандард и зголемена финансиска поддршка преку развојните фондови на ЕУ.