Ковачевски и Мицкоски денеска на лидерска во четири очи

од Nikola Popovski
228 прегледи

Има две главни теми за кои премиерот Димитар Ковачевски ќе разговара на денешната лидерската средба со претседателот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Станува збор за претстојните уставни измени, неопходни за продолжување на европската интеграција на Република Северна Македонија, „како и пристапот на државата, институциите и сите политички субјекти во насока на градење и одржување добрососедски односи со сите соседи“.

Средбата се очекува со голем интерес, бидејќи конкретните предлози за промена на Уставот со вклучување на Бугарите во него се услов од преговарачката рамка. На предлогот на Работната група беа додадени уште неколку заедници во земјава.

Мицкоски е дециден дека опозицијата нема да гласа за измени на Уставот „по овие услови и под бугарски диктат“, инсистирајќи на предвремени избори.

Еден од предлозите „кој се уште е на маса“ е да се распушти парламентот и да се закажат предвремени избори истиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече во синоќешно интервју министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тој посочи дека „би било добро да има позитивен исход од лидерската средба, бидејќи опозицијата може барем еднаш во последните години да пропушти историска шанса да придонесе за важни стратешки процеси кои носат напредок и стабилност на земјата“, но без разлика на исходот од средбата, предложените уставни измени ќе бидат ставени на маса во парламентот. Тие се веќе доставени до Владата откако Работната група во Министерството за правда ги подготви и се чека владина одлука за отпочнување на собраниската процедура.

-Кога Ковачевски вели интеграција, тој всушност мисли на уставни измени и прифаќање на бугарскиот диктат, кој оваа држава и народ го отфрлаат како понижувачки, изјави во Прилеп во пресрет на лидерската средба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, измама е тезата на Ковачевски дека изборот е помеѓу интеграција или изолација и ја обвини владата за сервилност наместо да преговара за подобри услови и правична шанса за членство на Македонија во ЕУ.