Во среда е закажана нова лидерска средба која треба да разреши многу работи во однос на тоа дали државата ќе го продолжи европскиот пат преку прифаќањето на европската преговарачка рамка. Премиерот Димитар Ковачевски ја испрати поканата, а лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски ја прифати и го кажа форматот тет-а-тет, иако ја смета за затворена темата околу внесувањето на Бугарите во Преамбулата. Големи очекувања, но и лицитирање со барање откако Мицкоски рече дека само ќе разговара за тоа што би се случило после евентуалното неспроведување на долгонајавуваните уставни измени.
Доколку остане ваквиот тврд став на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се поставува прашањето која е целта на ваква средба и дали таа нешто ќе може да промени. Политичкиот аналитичар и новинар Веле Митаноски во разговор за „Локално“ вели дека е скептичен околу состанокот во среда, но смета дека ДУИ има премногу голем влог и удел во власта за да дозволи од посредник да биде информирана.
-Тоа го знаат и во СДСМ. Второ, мислам дека Мицкоски не блефира кога покажува цврст став, па и цврст гард кон западните партнери. Не дека подоцна, од позиција на власт ќе биде истиот. Ова е чиста политичка прагма, од која еден опозиционер не би се откажал лесно. Мнозинството од населението е против уставни измени, во што има и малку сомнеж дека политичките парии на Албанците тоа ќе го искориостат да вметнат парцијални интереси. Затоа се зачестените изјави од функционерите на ДУИ, дека тоа не е така. Но народот сака да биде претпазлив, што оди на контото на Мицкоски, смета Митаноски.
Според него, Мицкоски купува време.
-Колку повеќе се приближуваме до редовниот термин за избори, толку ќе биде помек притисокот од надвор кон нив за уставни измени. Во таквите калкулации, Мицкоски се однесува партиски рационално и никој не може да му забележи за тоа. Од таму се обвинувањата од СДСМ дека е тој заложник на Левица, посочува аналитичарот.
Запрашан дали можеби само проформа средба, за да се задоволат повиците на западните партнери, Митаноски не верува дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се толку блиски и паметни парнери за да ѝ одиграат таква симултанка на меѓународната заедница.
Новинарот истакнува дека доколку нема уставни измени до месеците длабоко во есента, тогаш, можеби, би било најрационално да се побара нов мандат од граѓаните.
-Мислам дека меѓународниот фактор, би имал разбирање, ако тоа добро се аргументира. Имено, во март наредната година нас не чекаат претседателски избори. Неколку месеци подоцна-општи парламентарни. Кога јас би се прашувал, од многу причини, мегу кои и од рационален фискален аспект, би ги поврзал парламентарните заедно со претседателските. Како и да е, ние ќе влеземе во тој теснец, пријателите од надвор би не разбрале, дециден е Митаноски.
Во овој контест, додава соговорникот, ако изборите бидат тема на маса на таа лидерска средба, народот очекува двете носечки партии од македонскиот блок и ДУИ како владеачка од албанскиот, да се договорат, за нов концепт на избори.
-Според мене, сега е прилика не да се разговара за партиски блокови (Мицкоски), туку, за една голема метла, чистење на политичката сцена од рестлови и приврзоци. Пред се, една изборна единица, за да се елеминира засекогаш партискиот султанизам, преференцијално гласање, паралелно со став за пост – изборно, а никако пред изборно коалицирање.
Видете, во тоа коалицирање владее една општа магла, манипулации со народот, партиска перверзија. Еве, во мојот град, Охрид, еден од поголемите во земјата, освен СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, партиите – рестлови на власта и опозицијата или немаат свои општински раководства или глумат раководства, заклучува Митаноски.
Аналитичарот и поранешен член на ДИК, Енвер Салихи смета дека вакви слични претстави т.н. лидерски средби не се од значење од законска перспектива туку само еден ПР за покажување добра волја и еден кафе муабет меѓу лидерите.
-Дали ставовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат зацементирани или ќе се сменат останува да видиме во иднина оти на лидерска средба не се очекува некоја драстична промена, вели тој за „Локално“.
Сепак потенцира дека ваквиот состанок во среда доаѓа од притисоците кои ги имаме од нашите европски партнери и секако и внатрешните сили како начин за изнаоѓање на решение за овој случај кој по секое видување води кон статус-кво.
Тврди дека би било идеално доколку ВМРО ДПМНЕ прифати уставни измени, а за возврат брзи избори, но не верува во таа опција од причина што изборите се многу блиску и ќе се чека на нив да се случат во април освен ако Владата поднесе оставка во септември доколку не успеат промените на Уставот.
-Можеби е последно време за пресврт од причина што во политика нема невозможна мисија и секако дека уште не е кажан последниот збор, оценува Салихи.
Н.П.