На маргините на 77-то Генерално заседание на ОН, заедно со премиерот Ковачевски остваривме кратка средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој ја претставува Европската Унија на овој важен мултилатерален настан, информира шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
На средбата заемно било потврдено задоволството дека Северна Македонија се наоѓа во квалитативно повисока фаза во своите односи со ЕУ, по отпочнувањето на преговорите.
-Од страна на претседателот на Европскиот Совет беше истакната недвосмислената поддршка на Унијата за перспективата за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со уверување за кредибилен и правичен пристапен процес. На средбата стана збор и за веќе одржаните први состаноци со ЕУ во рамките на скрининг процесот, кој е предвидено да трае до ноември идната година, при што од наша страна беше реафирмирана високата подготвеност на земјата за успешен преговарачки процес, особено со оглед дека државата веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ и бележи над 45% транспонирано ЕУ законодавство во домашното законодавство, објави Османи.