Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска заедно со неговиот албански колега Еди Рама, на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане го пуштија во употреба „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување.
Двајцата премиери истакнаа дека со овој концепт се овозможува благосостојба на нашите граѓани во Северна Македонија и Албанија, посилни економски партнерства и поефикасна соработка меѓу компаниите.
Со One-stop-shop придонесуваме и за забрзан регионален економски раст и развој, повисок степен на хармонизација на граничните контроли и поуспешно откривање на нелегални прекугранични активности. Со концептот на интегрирано гранично управување исполнуваме уште една обврска од проектот за интеграција на Северна Македонија и Албанија како на регионално така и на европско ниво. Ние промовираме европски вредности и практики како придонес кон наше што побрзо членство во Европската Унија, објави Ковачевски.
Како што вели тој, зголемена е соработката меѓу двете земји.
Јас сум еден од оние што повторуваат дека не ни требаат граници, она што следува е и зголемување на службениците на патарините и на границите. Со ‘Отворен Балкан’ 40 отсто е зголемена трговската размена меѓу Албанија и Македонија до сѐ побрзо укинување на границите кога и Македонија и Албанија ќе станат членки на ЕУ, додаде Ковачевски.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби во своето обраќање најави дека по денешниот успешен проект, Владата ќе продолжи со активности и на другите гранични премини.
Претходно, беше потпишан протоколот за воведување one-stop-shop на овој граничен премин, со цел спроведување поефикасни и олеснети гранични формалности, односно поквалитетни услуги и побрз проток на стоки и патници.