Ковачевски: Илинденската идеја ни е аменет и правец кон светот

од Nikola Popovski
222 прегледи

„Илинденската идеја има континуитет низ вековите и ги поврзува нашето минато, сегашноста и иднината. Се покажала функционална и државотворна. Ги обединува граѓаните кои живеат заедно на ова наше заедничко парче родна земја. Трасира пат на државата кон светот. И таа ни е и аманет и правец, кон напредна и современа држава, во којашто луѓето живеат слободно и достоинствено, интегрирани во семејството на демократски држави и народи во светот“ кажа премиерот Димитар Ковачевски во неговиот говор по повод прославата на Илинден во Крушево.

Тој рече дека не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата земја, а доколку некој случајно решил да ја преиспитува прогресивната суштина на илиденската идеја, да ја блокира или да кочи развој, тој има различни мотиви и цели од интересот на граѓаните и државата.

„Минатото, покажува дека само режимски системи кочеле прогресивни идеи. Но, ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа е и останува нашата водилка. Уште пред повеќе од еден век, културниот и духовен револуционер, кој има историски придонес во создавањето на македонската државност, ја изнел хуманистичката идеја низ којашто соопштил дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Ваквата прогресивна идеја е и во основата на Европа, кон којашто стратешки се определивме“ рече Ковачевски.

Премиерот во неговиот говор истакна дека Европа, не е само унија на држави туку и вредносен концепт, што на нашето тло е негуван со децении и дека размената на идеи и вредности на европската маса се мотив за себенадраснување, а не пречка.

Слични содржини