Премиерот Димитар Ковачевски вети премија од 500.000 евра доколку македонската фудбалска репрезентација избори место во Катар. Тој ова го кажа при испраќањето на репрезентативците на скопскиот аеродром, од каде отпатуваа за Порто, каде во вторник ќе се сретнат со португалската фудбалска репрезентација.
Македонија во четвртокот сензационално го совлада актуелниот европски првак Италија со 1-0 во полуфиналето како гостин во Палермо и само уште една победа ја дели од историскиот прв пласман на Светското првенство.
„Вие веќе сте за нас шампиони, победници и гордост. Веруваме во вас и затоа ви посакувам успех на натпреварот со Португалија. Најмалку што можеме да направиме како влада е да издвоиме награда од 500.000 евра доколку се пласирате на СП“, им порача Ковачевски на играчите во авионот.
Македонија лани за првпат во својата историја настапи на едно Европско првенство, а во квалификациите за Катар ја совлада Германија како гостин, но за да оди на СП мора да победи уште еден голем европски великан како Португалија.