Ковачевски: Има медиум со уредувачка политика која наликува на компанија што тргува со енергенси и друг што личи на партиски сектор за комуникација

од Nikola Popovski
185 прегледи

Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување треба да го прашате него, вели претседателот на Владата, Димитар Ковачевски запрашан како ја оценува изјавата на првиот човек на ДУИ за телевизиите „Алфа“ и „Телма“.

Тој додаде дека за медиумите, има свое лично мислење.

-Можам само да кажам мое лично мислење во однос на тоа како одредени медиуми за однесуваат. Што се однесува до мене, во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација, кажа Ковачевски како одговор на новинарско прашање и додаде дека „тоа се однесува општо“, без да ги обелодени имињата на медиумите.

-Не спомнав конкретно ниту еден медиум. Ако некој се препознал, тоа е друга работа. Никогаш не се случило некој уредник или новинар да добие телефонски повик од мене. Од мене не се случило, ниту ќе се случи да има влијание. Медиумите можат слободно да си ја работат својата уредувачка политика, така како што сметаат. Јас нема да дозволам да се врати тоа време, заедно со вас, рече Ковачевски.

Ахмети синоќа во своето обраќање пред присутните на партиска трибина во Гостивар, во обид да изрази незадоволство за медиумското известување во врска со партиските активности, јавно кажа дека овие две телевизии се непријателски.

Слични содржини