Ковачевски: Институтот за белодробни заболувања „Козле“ станува Универзитетска клиника

од Nikola Popovski
150 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод промената на дејноста, видот и називот на институцијата ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај деца „Козле“ – Скопје.

Со владина одлука, Јавна здравствена установа Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“-Скопје прераснува во Јавна здравствена установа, „Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле – Скопје“, чијашто дејност се проширува со вршење специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност.

„Сакам да изразам огромно задоволство и честа што ми ја направивте да ја посетиме Јавната здравствена установа Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, која повеќе од 70 години претставува симбол на професионална здравствена нега и грижа за децата.

Јас имам исклучително високо за оваа клиника затоа што благодарение на тимот на д-р Зафировски, пред 8, 9 години беше спасен животот на мојот син. Тука е и доктор Тодоровиќ и низа на други доктори, навистина ми е емотивен момент што сум денес тука. Знам колку беа посветени овие доктори. Доктор Зафировски свадба напушти за да дојде, со такси се собираа докторите, но направија исклучително успешна операција и заради тоа сме им сите многу благодарни. Затоа сакав овој свечен чин да го искористам и за моја лична благодарност до докторите кои работат тука.

Вештините и искуството на здравствените работници во оваа клиника која е препознаена како регионален лидер во областа на педијатриската пулмологија и алергологија, низ годините и децениите покажаа што значи со посветеност и пожртвуваност да се помага на болните деца, на изнемоштените, на најмалите, на нашите најсакани, на оние кои надежта ја бараат во медицинскиот персонал кој е дел од оваа установа.

Денеска, со гордост ја наградуваме и надградуваме довербата на граѓаните во здравствената установа Козле, која одлучивме од Институт да прерасне во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. Тука сакам да кажам заслужено и со среќа!“- рече Ковачевски.

Слични содржини