Опозицијата слободно може да ги достави своите предлози до Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе се разговара. Ова го кажа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски како одговор на вчерашниот предлог на професорот и поранешен пратеник, Александар Спасеновски за за менување на актуелниот државен грб.
-Бидејќи гледаме прво беше хрватски модел, сега грб, така да, ставовите на дневно ниво таму се менуваат. Ќе видиме до крај како ќе биде, додаде Ковачевски.
Премиерот потенцираше дека сме членка на НАТО, иако опозицијата не даде поддршка, а како што рече, наскоро ќе станеме и членка на ЕУ.
-Не го поддржаа ни договорот со ФРОНТЕКС, за којшто утре почнува имплементацијата, кажаа дека биле на пауза, сите биле внатре тие на пауза и не го слушнале ѕвончето. Такви изговори од трето одделение не поминуваат. Тој договор има легитимитет бидејќи го изгласало Собранието и го усвои ЕУ, посочи Ковачевски.
Спасеновски вчера даде креативно решение за ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени, а тоа е да се направи промена на државниот грб, како отстапка која би ја направиле другите партии.