Вие бегате од прашање, а не јас од одговор, затоа што наместо вие да му го поставите прашањето на претседателот на Собранието, ми го поставувате мене, а јас не сум негов портпарол, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од Драган Ковачки.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го повика претседателот на Владата да го осуди однесувањето на Талат Џафери кон собраниските служби бидејќи на прес-конференција на новинарите веќе им признал дека на телевизиската снимка од 11 мај е неговиот глас и нема сомнежи околу автентичноста на снимката. Праша и зошто неговиот сопартиец од СДСМ Панчо Минов не ја закажува седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по пријавата од пред две недели на ВМРО-ДПМНЕ за однесувањето на Џафери.
-Доколку не побарате од Минов да свика седница, а од Талат Џафери оставка, ќе покажете дека Етичкиот кодекс е мртов и дека повеќе не важи, рече Ковачки на седница посветена на пратенички прашања.