Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Талин, се сретна со премиерката на Естонија, Каја Калас. На средбата присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Оваа средба е дел од агендата на Премиерот во рамки на учеството на Талинскиот дигитален Самит 2023, кој воедно беше и меѓу темите на разговор на билатералната средба.
На средбата се разговараше за блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во Алијансата, ги продлабочуваат преку постојан политички дијалог. Премиерот Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на сајбер безбедноста и дигитализацијата.
Премиерот Ковачевски ја запозна премиерката Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори кои земјата треба да ги направи на тој пат. Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Северна Македонија, така и на другите земји од регионот кон ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес повеќе од било кога, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност, и посакува Северна Македонија што побрзо се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока, Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да делува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето.
Премиерката Калас исто така го поздрави и одговорниот став на Северна Македонија кон Украина и се заблагодари за поддршката која земјата досега ја има дадено. Приклучувањето кон одлуките на ЕУ и целосната координација во однос на санкциите и рестриктивните мерки говорат за ориентацијата на земјата и насоката која Естонија силно ја поддржува.
На средбата се разговараше и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Претседателот на Владата Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка на приоритетите и вложените напори за координацијата во рамки на претседавањето со ОБСЕ.