Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО на 11 и 12 јули 2023 година во Вилнус, а во владината делегација се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, информираат од владината прес-служба.
На самитот на НАТО во главниот град на Литванија ќе се разговара за итните безбедносни предизвици. Во фокусот на состаноците на лидерите на Северноатлантскиот совет се очекува да биде зајакнувањето на поддршката за Украина и зајакнувањето на односите на НАТО со Украина преку создавање на Советот НАТО-Украина. Лидерите ќе разговараат за унапредување на одбранбените способности, споделување на одговорностите за испорака на ресурси, како и за новите регионални одбранбени планови и зајакнување на партнерствата.
Во рамките на учеството на самитот на НАТО, се очекува Ковачевски да оствари билатерални средби со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис. Во неговата програма се и неформални средби на министрите за одбрана и за надворешни работи, на кои ќе учествуваат министерот за надворешни работи Османи и министерката за одбрана Петровска.
На самитот на НАТО, Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска, која ќе го посети Центарот за деца и жени бегалци од војната во Украина, каде ќе се сретне со Олена Зеленска, сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во рамки на посетата, Ковачевска ќе присуствува и на настани посветени на литванската култура и уметност, се наведува во соопштението.