Премиерот Димитар Ковачевски и канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, ги предводеа делегациите на двете земји на билатералната средба којашто во рамките на официјалната посета на нашата земја на германскиот владин врв, денеска се одржа во Владата на Северна Македонија.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски во своето обраќање на билатералната средба на двете делегации истакна дека односите меѓу двете земји се исклучително позитивни, како на политички, така и на економски план и без ниту едно отворено прашање.
Како посебно значаен Ковачевски го нагласи континуитетот на поддршката на СР Германија во остварувањето на стратешката ориентација на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката од страна на СР Германија која резултираше со членството во НАТО за Северна Македонија.
Во однос на економската соработка и трговската размена беше истакнат постојаниот нагорен тренд во изминатите 29 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, како резултат и на германските директни инвестиции во Северна Македонија со што СР Германија се вбројува меѓу шесте најголеми инвеститори во земјата.