Во однос на случувањето во Полска, вчера изразив сочувство до премиерот на Полска. Во однос на понатамошни ставови од Владата и мене, можам да информирам дека во моментов се одржува состанок во Брисел на земјите-членки на НАТО, на кој што присуствува македонскиот амбасадор. Целата комуникација ќе следува после тоа што се случува во Брисел, обелодени денеска премиерот Димитар Ковачевски во однос на вчерашните експлозии во Полска на самата граница со Украина.
Ковачевски одговараше и на новинарско прашање поврзано со македонските и бугарските клубови во двете земји.
Поддршката за клубовите не само што доаѓа од дел од бугарските политичари, туку и од македонската опозиција. Претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов, кој што е докажан соработник на Третиот рајх и лидерите на Третиот Рајх, рече Ковачевски.
Премиерот смета дека дури и отворањето на македонскиот клуб во Благоевград имаше поддршка во рамките на македонската опозиција, па се и она што се случуваше после тоа.
-Ние ќе испратиме официјално барање за отворање културен центар во Благоевград, исто како што сме отвориле во Софија, Тирана и други држави, низ кои може да се негува македонската култура и традиција, кажа Ковачевски како одговор на новинарско прашање со француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун.