Премиерот Мицотакис изрази задоволство што Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ и што веќе сме на пат на полноправно членство и ги даде на располагање капацитетите со кои што располага Грција во делот на европските интеграции, со оглед на тоа дека се една од постарите членки на Унијата. Секоја експертска помош што е на располагање во регионот, ќе биде добредојдено за нашиот преговарачки тим и институции, рече премиерот Димитар Ковачевски на брифинг со новинарите во Атина, после средбите со премиерот на Грција и претставниците на енергетските ресори.
Во однос на другите теми, го изразивме задоволството од големата трговска размена и подобрените односи во изминатите години, додаде премиерот.
На средбата од македонска страна присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на ЕСМ Васко Ковачевски и на МЕПСО, Орхан Муртезани, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, како и Виктор Андонов, соработник за енергетика. Во состав на делегацијата од Грција присуствуваа Костас Фрагојанис, заменик министер за економска дипломатија и надворешни работи, Никос Цафос, советник за енергетски прашања на премиерот Мицотакис, Константини Зифарас, директор на државната компанија за природен гас ДЕПА, Георгиос Тасис, претседател/извршен директор на Public Power Corp SA како и останати претставници од секторот.
На состанокот се дискутираше за најважната тема како за државата, така и за стопанството, а тоа е ублажување на последиците од најголемата глобална криза која ја паметиме во поновата историја.