Досегашниот премиер Димитар Ковачевски му ја предаде функцијата на претседателот на преодната влада, Талат Џафери.
„Денес го реализиравме примопредавањето на функцијата претседател на владата на РСМ согласно законските обврски за организирање на техничка влада чија што основна задача е да организира и спроведе слободни, демократски и фер претседателски и парламентарни избори. Сите започнати политики треба целосно и континуирано да се реализираат. Очеувам посветеност во работата, концентрација на сите во владата и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво“, порача Ковачевски.
Повика владата и сите во неа, без разлика на партиската припадност, да работат во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и на стабилноста.
„Владата успеа да воспостави систем кој функционира во време на криза, политиките се поставени, мерките се јасни, очекувам сите да покажат јасна политичка волја за да се поддржи и одржи и економската и политичката стабилност и да се спроведат мирни, фер и демократски избори како што доликува на држава членка на НАТО и држава со отпочнати преговори со ЕУ“, истакна Ковачевски.