Како одговорен дел од меѓународната заедница, членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со започнати преговори за членство во ЕУ, ние имаме обврска и должност активно да учествуваме со свој придонес кон колективната одговорност за мирот, за градење на демократијата и човековите права, како и за негувањето на добрососедските односи, бидејќи единствено така може да имаме стабилен и економски силен регион и на Европа во целина, рече премиерот Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Братислава каде учествува на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023.
Ковачевски порача дека приликите кои се случија на европскиот континент го променија светот неповратно во текот на изминатата година и половина.
-Тоа беше сигнал за Владите дека ако сакаме да ја добиеме оваа битка во економска и енергетска смисла мора да направиме многу, да дејствуваме итно, но да бидеме солидарни, сплотени и да делуваме и дејствуваме заедно.
Само така, може и успеавме во текот на изминатата практично тешка зима да се справиме и со енергетската и со економската криза и да обезбедиме за нашите граѓани непречено снабдување и со енергенси, електрична енергија и храна и да обезбедиме доволно финансиски средства во буџетот за да можат да бидат финансирани сите функции во државата непречено, кажа премиерот.
Ковачевски на панелот каде што ќе се обрати ќе биде заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама со кого ќе зборуваат и за практичните аспекти на соработката во рамки на иницијативата ОБ за ефектите кои таа ги има пред се позитивни ефекти на економската размена меѓу 3-те држави која е исклучително зголемена во изминатите 2 години.
-Исто така ќе разговараме за безбедносниот контекст кој произлегува од војната во Украина меѓутоа секако и за случувањата во нашиот регион. Нормално дека ќе повикаме на смирување на сите тензии и на воспоставување на дијалог кој е единствениот начин за повторно да имаме мир во Европа и економски просперитет како пред оваа војна.
Во текот на денот ќе имаме и билатерална средба со претседателот на Франција, г. Макрон на којшто ќе разговараме за важни теми кои што се врзани за нашето зачленување кон ЕУ, секако и за билатералната соработка која ја имаме со Франција од првиот ден од нашата независност, рече Ковачевски.