Премиерот Димитар Ковачевски денеска јавно го повика Јавното обвинителство да реагира во врска со една од дивоградбите на улицата „Пластичарска“ во Скопје.
Како што напомена Ковачевски, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите.
-Јавно кажав дека го повикувам Обвинителството да реагира. Не можам да знам дали отворило случај. Но, еве, уште еднаш ви кажувам дека во текот на оваа недела писмено ќе го прашам Министерството со оглед на тоа што имаме поделени надлежности, до каде е тој случај и дали тие се информирале од средствата за јавно информирање, а за сите други детали може да ви каже градоначалникот. Ме прашавте дали некој не кочи. Не не кочи никој. И треба институциите да постапуваат така како што е по закон затоа што на народот овде му е преку глава од криминал, од изигрување на законите и од правење финансиски средства на грбот на граѓаните. Законот треба да важи за сите. Има институции кои идентификуваат прекршување на законот, тоа е во овој случај Инспекторатот во Општината Центар, а другите институции што треба да го санкционираат исто така треба да бидат на ниво на задачата зашто доста беа попусти 30 години во оваа држава некој да се чувствува државата да му е мајка, а на некому да му е маќеа, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за доградба на основно училиште во Општина Центар.