Доколку ја добиеме честа да ја водиме Владата, во следниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг и тоа не само на именувани и избрани функционери – од премиерот до министрите, па се до царина, судови и обвинителства, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање да искоментира анкета, според која 80 проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е најголем проблем во државата.
Тој процес Албанија го спроведе, кажа премиерот.
-Во нашата држава Владата сакаше да го спроведе, но беше спречена од ЕУ, не знам од кои причини.
Меѓутоа нема кој да го спречи тој процес на наредните избори кога повторно ќе ја добиеме честа да ја водиме владата, и во тој процес точно ќе може да се идентификува кој е за унапредување, кој е за доусовршување, а кој не може да извршува одредена фукнција и при тоа ќе бидат опфатени сите, а не само да го имате премиерот и министрите секој ден на телевизија, и секој ден да се гледаат нивните анкетни листови, туку треба да се гледаат на сите – од царина, до судови и обвинителства, вели Ковачевски.
Според него, факт е дека граѓаните точно знаат да лоцираат што точно треба да се поправи во државата, но исто така, вели, факт е дека и Владата работи на поправање на поправање и унапредување на областите што се важни за граѓаните.