Ковачевски: Напредокот во слободата на медиумите е уште еден чекор напред на европскиот пат

од Nikola Popovski
169 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во свое име и во име на Владата на Република Северна Македонија го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите професионални новинари кои придонесуваат во демократизацијата на општеството.

-Северна Македонија бележи нов напредок во слободата на медиумите и во најновиот Извештај на меѓународната организација „Репортери без граници” е рангирана на 38 место од 180 земји во светот! Во 2016 година, државава беше на 118 место, од 180 држави. Ова е доказ на дело за демократските и европски определби на Владата и нашето категорично Да – за слободата на говор и независноста на медиумите, порача премиерот.

Ковачрвски истакна дека Владата во медиумските здруженија гледа партнери и продолжува да работи заедно кон натамошно унапредување на медиумските слободи, како што тоа го направивме со донесениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета со којшто се гарантира слободата на изразување и со измените на Кривичниот законик, со коишто нападот врз медиумските работници се третира како напад врз службено лице.

-Како држава којашто ги започна преговорите со ЕУ, во рамки на преговарачкиот процес веќе ги усогласуваме регулативите, водејќи се од добрите европски пракси, за квалитетот, заштитата и професионалноста во медиумската сфера. Слободата на изразување е двигател на сите други човекови права! Овозможува дијалог, гради разбирање и го зголемува јавното знаење, придонесува за аналитичност на одлуките што ги носиме и води до подобри политики, нагласи Ковачевски.