Премиерот Димитар Ковачевски смета дека не е време за политички поени и лицитации и покани за дуели и средби, коментирајќи го повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиски дуел околу енергетската и економската криза.
Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, премиерот верува дека веќе ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот Васко Ковачевски.
Премиерот порача дека оваа тешка зима и криза ќе се пребродат само доколку сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните.
Тој додава дека на последниот Економски совет во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од опозициската партија не се појавил на седницата.
-Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакнува премиерот Ковачевски во изјава за МИА.
Мицкоски денеска упати покана до вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на средба во седиштето на партијата, за да му го објасни планот и концептот за закрепнување на економијата и помош на бизнисот.
-Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на било кој член на владата. Во услови кога Димитар Ковечевски дезертира, бега од средба и ТВ дуел со мене, го поканувам заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на состанок во недела (2/октомври/2022) во 12 часот во седиштето на ВМРО- ДПМНЕ, каде детално ќе го објаснам планот и концептот кои ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот, напиша Мицкоски на Фејсбук.