Премиерот Димитар Ковачевски се огласи после барањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за средба на која ќе се договори датум за предвремени парламентарни избори. Ковачевски наведе дека уцени не прифаќа.
-Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата. Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња, појаснува премиерот.
Според него, „Мицкоски никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера“. Тој посочува дека како „одговорна партија и Влада нема да дозволат ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи“.
-Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат, додава Ковачевски и потенцира дека „ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи“.
-Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа, стои во објавата на премиерот.
Мицкоски во текот на денот на прес-конференција побара заедничка и јавна средба со Ковачевски, на која според него, ќе разговараат и ќе договорат датум за одржување предвремени парламентарни избори.
-На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе што се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области, во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја. Четири тима што ќе работат заедно со тимови од власта во меѓупериодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно, без никакви права и привилегии. Тука сме да ѝ помогнеме кога на Македонија ѝ е најтешко, кажа Мицкоски.