Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, рече синоќа во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.
Според него, „во ВМРО-ДПМНЕ сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на екс-премиерот Никола Груевски“.
-Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.
Истакна дека големи промени на подобро се можни само „ако заедно продолжиме на патот кон Европската Унија“.
-Јас не живеам во заблуда дека ние ја водевме државата безгрешно. Немам намера да ви кажувам дека сè е совршено. Само ќе ви кажам отворено и искрено – ќе дадеме сè од себе Македонија да продолжи да расте и да се развива. Граѓаните знаат дека во изминатите седум години СДСМ обезбеди највисок раст на платите до сега, а граѓаните живеат во целосно обезбедена демократија и слобода, кажа лидерот на СДСМ од Куманово.
Дециден е дека нема лесни решенија за системските проблеми во нашата земја, но, како што вели, ЕУ ни е единствената шанса за системско решение на тие проблеми.
-На нашата Македонија ѝ е потребно членството во ЕУ. Од ЕУ добиваат сите граѓани, од ЕУ ќе дојдат и фондови, ќе дојдат повеќе финансиски средства. Економијата ќе има поголеми придобивки. Инфраструктурата се подобрува, механизмите за справување со корупцијата ќе станат подостапни, да имаме пример за функционално владеење на право, едноставно животот ќе стане подобар, порача Ковачевски.