Премиерот Димитар Ковачевски нема да присуствува во недела на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија.
-Во недела јас ќе бидам во Скопје, меѓутоа во Министерството за култура и во Владата, ја подготвуваме документацијата за отворање на македонски културен центар во Благоевград. Тоа барање ќе биде испратено до бугарската влада. Веќе имаме културен центар во Софија. Верувам дека отворањето на културни центри е начин за зближување меѓу државите и граѓаните и сметам дека сите оние кои што имаат можност, треба да присуствуваат на такви настани. При отворањето на културните центри, треба да се внимава за чувствата на граѓаните и тие да не бидат места на раздор, одговори Ковачевски на новинарско прашање.
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград го најави свеченото отварање, предвидено за 30 октомври.
Настанот на кој се поканети премиерите на Бугарија и Македонија, амбасадорите, медиумите од двете страни на границата, пријатели и гости од земјата и странство, е дозволен од градоначалникот на Благоевград.
Во поканата стои дека клубот има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, и да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.
Македонските здруженија во Бугарија веќе имаат добиено над 10 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, но властите во Софија не ги почитуваат.