Ковачевски: Нема дилема, Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава

од Берта Китинска
189 прегледи

Дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно-јазичен идентитет остануваат непроменети, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од собрансиската говорница каде во моментот во тек е расправа за избор на заменици-министри во Владата.

-Граѓаните да бидат спокојни дека од црвените линии за заштита на нашиот идентитет не отстапуваме, но посветено работиме што побрзо да бидеме дел од европското семејство, порача премиерот .

Во своето обраќање пред пратениците, осврнувајќи се на надворешната политика, Ковачевски рече дека билатералните разговори со Бугарија за динамизирање на економската соработка и добрососедството продолжуваат, а историските прашања ги оставаат на решавање на стручната историска фела.

-Историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела, но воедно Ве уверувам дека дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно јазичен идентитет остануваат непроменети, јасни и цврсти, како досега, така и во иднина. И јас и сите граѓани немаме дилеми за тие прашања. Отаму недозволено и неприфатливо е било која политичка партија да генерира низок и ефтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши претци и поколенија нема дилема дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава, како што знам и дека неговите мошти почиваат и ќе почиваат во Скопје, потенцира Ковачевски.