Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други земји. Но досега немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава, изјави премиерот Димитар Ковачевски околу приклучувањето на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти кон здружената албанска опозиција.
Според премиерот, треба да се види на што точно се мисли. Вели дека „ако почнат политички партии од соседството да учествуваат на изборите во нашата држава, може да се случи и од други држави да учествуваат во Македонија, што би претставувала не толку посакувана динамика“.
-Сепак треба да се провери на кој начин би учествувале и на што точно се мисли. Секако да се провери и Изборниот законик и регистрирањето на партии, кажа Ковачевски денеска по потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за отпочнување постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, каде имаше обраќање.
Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, изјави дека од вчера движењето Самоопределување ќе биде дел од здружената албанска опозиција вo Македонија. Како што рече Меџити, изборната програма се работи заедно, канцелариите се заеднички, кампањата ќе биде заедничка и на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување.
Советникот на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку, вчера изјавил дека движењето Самоопределување ќе биде четвртиот столб на албанската опозиција во земјава.
Ќоку ги повика претставниците на Алијансата за Албанците да им се приклучат на опозициските партии на Албанците и додаде дека како поранешен член на Алијанса за Албанците „го познава опозицискиот дух“ на оваа партија.