Ковачевски: Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економската криза

од Берта Китинска
139 прегледи

Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза и сите ќе ја пребродиме заедно затоа што Владата одговорно и навремено презема мерки со цел да обезбеди поддршка за граѓаните и компаниите и тоа ќе продолжиме да го правиме се до завршување на кризата. Мојата цел е во зимата пред нас да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме во државата и да ги искористиме контактите со сите наши соседи со кои воспоставивме добри односи во изминатите пет години и на тој начин да обезбедиме непречено снабдување со енергенси и со ресурси за производство на електрична енергија во капацитетите со кои располагаме, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања.

Од друга страна, како што рече, усвоени се таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите категории на граѓаните, што е препорака на меѓународните финансиски институции – ММФ и на Светската банка – која потврди дека Северна Македонија го има најголемиот пакет на таргетирани антикризни мерки од сите земји во регионот.

Во исто време, додаде премиерот, Владата се труди да најде помош и за компаниите со цел да ги задржат своите вработени и да го зачуваат работењето на најсоодветен начин во услови на криза.

Ковачевски се осврна и на поволните мерки што произлегоа од ребалансот на Буџетот – продолжената намалена стапка на ДДВ од 5 наместо 18 проценти за електрична енергија, Програмата за енергетска сиромаштија со која парично директно се помагаат 4000 семејства на кои им се обезбедени намалени сметки за електрична енергија или финансиски средства за друг огревен материјал што го користат. Со оваа мерка секое семејство е помогнато со речиси 200 евра во текот на годината.