Ковачевски: Ниту еден вработен нема да остане без работа

од Берта Китинска
178 прегледи

Ниту еден вработен нема да остане без работа, мерките се само за намалување на трошоците, вели премиерот Димитар Ковачевски по отворањето на втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс” во ТИРЗ Скопје 1.

– Мерките се однесуваат на намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата, и исто така зголемување на приходите. Ниту јас, ниту кој било министер има кажано дека на некој вработен ќе му биде раскинат договор и дека ќе остане без работа, а тоа го потврди и министерката за труд и социјална политика, рече Ковачевски.

Ковачевски појасни дека намерата е менаџерите, директорите на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, како и на другите институции, да применуваат најдобри менаџмент практики со цел да ги намалат трошоците.

– Исто така, сите институции треба да видат кој е нивниот оптимален број на вработени, кој е тој оптимален обем на работа што го имаат во текот на денот, бидејќи да не заборавиме, ако ротираат вработените, и тоа веќе го прават приватните фирми, како и низ целиот свет, ако дел од работниците користат одмор во време кога е најскапа електричната енергија, ако ги ротираат вработените за да има работа од дома, тогаш ќе се намалат трошоците не само за вработените, туку и трошоците поврзани со работењето, како што е греење, осветлување, кажа Ковачевски.