Ковачевски: Очекувам лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот

од Stefanija Kuzmanovska
267 прегледи

Успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга, смета премиерот Димитар Ковачевски.

За одржување на изборите, Ковачевски посочи дека финалниот збор ќе го кажат партиите, а во однос на техничката влада, не постои консензуално расположение кај партиите за нејзино укинување.

Според Ковачевски, важно е дека Северна Македонија е стабилна држава, држава која сигурно чекори во европските интеграции и затоа заслужува да има редовни избори.

„Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот“, изјави денеска Ковачевски во одговор на новинарско прашање по посета на фабриката „АТС АММО“ во Македонски брод.

Потсети дека следната година ќе бидат први редовни парламентарни избори во нашата држава по 2006 година.

Слични содржини