Ковачевски од Берлин: Заедничкиот регионален пазар ја зголемува атрактивноста на регионот за странските инвеститори и овозможува развој

од Берта Китинска
172 прегледи

Самитот за Берлински процес е историски затоа што доаѓа во време на продолжена криза и од истиот се очекува да произлезат конкретни чекори кои ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери, со што уште повеќе се зголемува неговата важност. Ова го истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска на сесијата за Регионална соработка и заеднички регионални пазари во рамките на Самитот за Берлински процес во Берлин, Германија. Дел од владината делегација која ја предводи премиерот Ковачевски во Берлин се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На дискусијата сите присутни изразија силна поддршка за членство на државите од Западен Балкан во ЕУ, со јасен став дека ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ. Воедно, присутните во своите излагања посочија дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.

Премиерот Ковачевски на првата сесија посочи дека денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години, истакнувајќи дека сето ова е постигнато поради силната поддршка од Владата на Сојузна Република Германија, како домаќин на Самитот на Берлинскиот процес, Европската комисија и интензивната комуникација на експертите и администрациите од земјите од Западен Балкан.

„Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори”, истакна премиерот Ковачевски на сесијата.

Премиерот Ковачевски рече дека на земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Северна Македонија им претстои сериозна работа, затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.

На сесијата, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија веќе ги отпочна преговорите со Европската Унија со заштитени идентитетски позиции, во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата, но исто така истакна и дека Европската Унија не е целосна без земјите на Западен Балкан и во таа насока треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат кон приближување на регионот до ЕУ.

Самитот на Берлинскиот процес кој годинава се одржува во Берлин прв пат по 8 години, има за цел да се интензивира соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.

Лидерите од Западен Балкан заедно со претставниците на Владите од земјите од ЕУ, Обединетото Кралство и претставници на Европската комисија во текот на денот покрај дискусијата за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, ќе дискутираат и за енергетската стабилност и трансформација на Западниот Балкан, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.

Слични содржини