Премиерот Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати во Европскиот Парламент пред групата на европратеници, членови на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи на дебата посветена на проширувањето на ЕУ. Тој меѓу другото изјави дека членството на земјата во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не и невозможна цел.
Потенцира дека Македонија има силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници.
-Европарламентарците од неколку земји членки на ЕУ, упатија позитивни коментари за европскиот напредок на Северна Македонија. Според нив, Северна Македонија е успешен пример за мултикултурно општество како за регионот, така и за Европа, и со тоа на свој начин допринесува во забрзувањето на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија. Европратениците констатираа дека во изминативе неколку години, земјата посветено работеше на реформи во социјалната, економската и сферата на владеењето на правото и ја истакнаа силната поддршка на европратениците Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент на тој пат, кажа премиерот.
Премиерот се осврна и на најавените уставни измени. Тој посочи дека некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија.
-Без разлика на партиската припадност пратениците се избрани од граѓаните, затоа мора да покажат конструктивност во име на граѓаните, мора да покажат единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество. Пратениците во Северна Македонија добиваат мандат од граѓаните и работат согласно Устав, Закон и Деловник и носат одлуки кои што според Уставот, Деловникот и законот и тоа е улогата на секој пратеник, бидејќи граѓаните на денот на избори им го предаваат тоа право, обврска и одговорност на пратениците. И се што е во рамки на Уставот, на Законот и Деловникот тоа пратениците го работат. Така било, така е и така ќе биде и во иднина, кажа претседателот на Владата.